Лажни полицајци ограбија 2,5 милиони евра од австриски пензионери

Тројца измамници кои се претставувале како полицајци убедиле повеќе десетици пензионери од австриската престолнина Виена да им ја предадат својата заштеда на чување во вкупен износ од 2,5 милиони евра, објави тамошната полиција.

Криминалците ширум Европа со месеци ја користат оваа итроштина, но тројцата мажи се приведени во Австрија, од кои двајца се од Србија, а еден е државјанин на Турција, се чини дека дејствувале независно од измамничките мрежи во другите држави, изјавил портпаролот на виенската полиција за германската новинска агенција DPA.

Во периодот од ланскиот ноември тројцата мажи телефонски ги повикувале пензионерите и се претставувале како агенти на криминалистичката полиција кои ги истражуваат случаите на провали во домовите. За да бидат што поубедителни, користеле манипулирани телефонски врски имитирајќи го австрискиот број за итни повици во полицијата – 133.

Кога еден од осомничените ќе ја уверил некоја од жртвите дека би било попаметно заштедата да ја предаде на чување во полицијата, неговиот соучесник веќе би бил на вратата со лажна полициска легитимација подготвен да ги преземе парите.

Полицијата објави дека, сепак, не сите пензионери наседнале, од неколкуте стотици повици, измамите биле успешни во најмалку 38 пријавени случаи. Додаде дека еден од двајцата Срби ги признал обвинувањата кои го товарат, а другите двајца се бранеле со молчење.