ЛДП: Граѓаните се поважни од политичките суети, Скопје се гуши во ѓубре и смет

Аматеризам и неспособност владее во Скопје, од кој најголема цена плаќаат граѓаните. Либерално-демократската партија е крајно изненадена и затекната од моменталната состојба со ЈП „Комунална Хигиена“ и последните случувања во јавното претпријатие задолжено за одржување на градската чистота.

Два дена откако директорката на претпријатието, се закани со отпуштање на неколку стотини вработени, главниот град се гуши во запуштено ѓубре и смет. Расфрланиот отпад околу кантите за отпадоци и контејнерите е ужасна глетка, но и претставува потенцијален извор на разни болести и зарази.

Апелираме до менаџментот на ЈП ,,Комунална Хигиена- Скопје “ и раководството на Град Скопје, час поскоро да ја сфатат сериозно ситуацијата, да најдат начин и да ја изменаџираат состојбата со запуштените контејнери.

Правото на здрава и чиста животна средина е основно човеково право и ниту во еден случај не смее да биде предмет на теснопартиски интереси и средство за собирање политички поени.

Доколку нема поместување на позициите, со брзи и ефикасни решенија, ЛДП преку своите претставници во локалните совети во Градот Скопје и општините и во рамки на своите надлежности, ќе преземе конкретни чекори за расчистување на отпадот и враќање на состојбата во нормала. Граѓаните се поважни од политичките суети, соопштија од оваа партија.