ЛДП: Преговарачката рамка треба да ги вгради европските принципи и стандарди, но не и билатерални и не културни јазични, историски и идентитетски прашања

Преговарачката рамка треба да ги вгради европските принципи и стандарди, како и Копенхагенските критериуми, но не и билатерални прашања и не културни јазични, историски и идентитетски прашања.

Ова е еден од предлог заклучоците на Централниот одбор на ЛДП кој заседаваше за информацијата за содржината на предлог преговарачката рамка за простапни преговори на Македонија со ЕУ предложена од страна на претседателството на Франција со Советот на Европската Унија на 30 јуни 2022 година.

ЛДП, како што информираат, се залага за целосно полноправно членство на Македонија во ЕУ, со сите свои културни, јазични, историски и идентитетски особини.

Инаку, во Собранието вчера започна дебатата по Информацијата за содржината на Предлог-преговарачката рамка за старт на пристапните преговори на земјава со Европската Унија, со обраќање на премиерот Димитар Ковачевски, кој порача дека овој европски предлог за деблокирање на нашиот евроинтеграциски процес и за старт на преговорите на земјава со ЕУ на вистински начин ги отсликува нашите дефинирани позиции. Претходно, во обраќање пред пратениците, пак, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен истакна дека со прифаќање на предлогот земјава ќе направи уште еден чекор кон ЕУ и дека сега е моментот да продолжиме напред „кон нашата заедничка иднина во ЕУ со Северна Македонија како полноправна членка“.

По обраќањето на Фон дер Лајен, на прес-конференција лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски изјави дека партијата има три дилеми од нејзиниот говор. Според него, првата дилема е дали преговорите ќе почнат веднаш со одржување меѓувладината конференција или по промена на Уставот.

– Втора дилема е прашањето за историјата. Се спомна дека нема да зборуваме за историјата, но тоа не го говори членот 14 од истиот документ. Според член 14, ќе зборуваме за се, само не за иднината. Ќе зборуваме за проблеми од минатото односно како во 21 век да се асимилира македонскиот јазик и да се уништи македонскиот идентитет, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Трета дилема, според него, е во однос на членот 3 во воведната изјава каде стои дека Преговарачката рамка ќе биде преведена на македонски јазик, но бугарската стана ќе даде еднострана изјава како таа го гледа македонскиот јазик. – Во членот 3 јасно стои дека ќе имаме унилатерална изјава од нашиот источен сосед дека македонскиот јазик е најверојатно некоја верзија на бугарскиот јазик, рече Мицкоски.