Национализмот нема националност и е „храна за гладен народ“, создаден од политиката која нуди омраза и поделби. Времето покажува дека политичарите на Балканот го користат само да опстанат или да дојдат до власт и моќ, како и да ги штитат своите лични интереси, реагираат од Либерално-демократската партија, откако знаме со карта на таканаречена „Голема Албанија“ која опфаќа делови од Македонија, Црна Гора, Србија и Грција се вееше на вчерашниот концерт, кој Општина Тетово го организираше по повод пречекот на косовскиот премиер Албин Курти, се вели во реакцијата на Либерално-демократската партија за знамето на Голема Албанија кое вчера беше истакнато во Тетово.
-Оваа фотографија поставена на официјалниот профил на градоначалникот на Тетово, Биљал Касами на социјалната мрежа Фејсбук, претставува елементарно непочитување на вообичаените дипломатски протоколи за посета на премиер во друга држава, со што се нарушува државниот интегритет и суверените на Република Македонија при посетата на премиерот на Косово Албин Курти на две опозициони албански партии и на една нерегистрирана политичка групација, додаваат од ЛДП.
Според ЛДП национализмот не носи ништо и никому добро во мултиетничко општество, а е извор само на конфликти и омраза.
-Да работиме на заедништвото, да се држиме до работи кои нè зближуваат, да градиме општество на еднаквост, силна економија и подобар живот за сите, порачуваат од ЛДП.