Леќа 110 денари, пиперки 100 денари- Владата ги продолжи роковите за замрзнување на цените на одредени видови овошје и зеленчук

Владата на денешната седница донесе Одлука за изменување на Одлуката за определување највисоки цени за одделни производи во трговијата на мало.

Со Одлуката, се продолжува примената на веќе утврдени највисоки трговски цени, од 30 април 2023 година, до 31 мај 2023 година, на одреден дел од овошјето и на зеленчукот и тоа во висина.

– до 95 денари за килограм свежи домати,
– до 95 денари за килограм свежи краставици,
– до 70 денари за килограм кромид,
– до 100 денари за килограм свежи зелени пиперки,
– до 95 денари за килограм грав,
– до 110 денари за килограм леќа,
– до 75 денари за килограм банани,
– до 60 денари за килограм портокали,
– до 65 денари за килограм мандарини и
– до 60 денари за килограм лимони.

Имајки предвид дека со оваа Одлука се ограничува растот на цените во трговијата на мало, а состојбата на пазарот укажува дека цените сѐ уште не се стабилизирани, според образложението од предлагачот, Министерството за економија, има потреба од измена на Одлуката, со којашто рокот на примената на највисоките утврдени цени за горенаведените производи се продолжува до 31 мај 2023 година.

Владата донесе и Одлука за изменување на Одлуката за определување обврска на трговците да прибавуваат и продаваат определени видови и количества на одделни стоки на потрошувачите, според определен редослед.

Со Одлуката, се продолжува рокот од 30 април 2023 година на 31 мај 2023 година, до кога трговците кои претставуваат правни и физички лица, регистрирани за вршење трговска дејност, имаат обврска во структурата на дневната набавка на сите видови овошје и зеленчук, да прибавуваат и да продаваат најмалку 70% од определени видови овошје и зеленчук, односно: свежи домати, свежи краставици, кромид, свежи зелени пиперки, грав, леќа, банани, портокали, мандарини и лимони, велат од Владата.