Лејкерс повторно го испратија Расел во Нетс, ги доведоа Фини Смит и Милтон

Лос Анџелес Лејкерс во неделата го испрати чуварот Д’Анџело Расел, крилото Максвел Луис и три избора од вториот круг на драфтот во Бруклин Нетс во замена за крилото Доријан Фини-Смит и бекот Шејк Милтон.

Според договорот, Лејкерс ќе му ги дадат своите избори на Бруклин во втората рунда на НБА драфтот во 2027, 2030 и 2031 година, објави американската медиумска компанија ESPN.

Ова е вторпат како Лејкерс го испраќаат 28-годишниот Расел во Нетс, иако го избраа како втор во генералниот драфт во 2015 година. Во првото доаѓање во Лос Анџечес, Расел се задржа две сезони во редовите на Лејкерс и потоа во јуни 2017 година, заедно со центарот Тимофеј Мозгов беше испратен во Нетс во размената за Брук Лопез и Кајл Кузма, кого го избраа на драфтот.

На патот на враќањето во дресот на Лејкерс, Расел играше за Голден Стејт Вориорс и Минесота Тимбервулфс, а во февруари 2023 година се најде назад во Лос Анџелес во размена на играчи меѓу трите клуба.

Расел под водството на новиот трене ЏејЏеј Редик од месец во месец добиваше сѐ помалку минути. Во октомври тој во просек мина повеќе од 30 минути на паркетот, а во ноември и декември неговата минутажа беше нешто повеќе од 25 минути во просек. На 29 натпревари оваа сезона имаше просек од 26,3 минути, 12,4 поени, 2,8 скока и 4,7 асистенции, што е помалку од неговиот просек во кариерата.

Немаше многу можности за 22-годишниот Максвел Луис во Лејкерс, па на седум настапи успеа да постигне вкупно 15 поени.

Во 31-годишниот Фини-Смит, Лејкерс ќе добијат играч кој ја игра својата деветта сезона во НБА лигата. Тој беше во стартниот тим на сите 20 натпревари на кои се појави, а за 29 минути по натпревар имаше просек од 10,4 поени, 4,6 скока и 1,6 асистенции.

Бекот Шејк Милтон настапи на 27 натпревари, со просек од 7,4 поени, 1,9 скока и 2,4 асистенции.