Филаделфија севентисиксерс го искористи неиграњето на Леброн Џејмс и без проблеми го совлада тимот на ЛА Лејкерс (105-87). Џоел Ембид одново беше најдобар кај „сиксерси“ со 26 поени, девет скока и седум асистенции, додека Тобијас Харис постигна 23 поени, а Тајрис Мекси реализира 14 поени со десет асистенции. Кај „езерџиите“, каде што го немаше „Кралот“ поради повреда на коленото, најдобар беше Ентони Дејвис со 31 поен и 12 скока, додека Расел Вестбрук натпреварот го заврши со 20 поени.
Кошаркарите на Голден стејт, пак, ја совладаа Минесота тимбервулфс (124-115), што е четврта по ред победа за нив, со која само се зацврстија на втората позиција на Западот со скор 36-13. Стеф Кари беше најпрецизен кај „воините“ со 29 поени, додека Клеј Томпсон имаше 23, а Ендрју Вигинс 19 поени. Кај Минесота, која сега има скор 24-24, најефикасен беше Карл-Ентони Таунс со 31 поен и 12 скока.