Цената на лебот во однос на брашното ќе нема никакви поместувања, освен ако драстично не поскапат енергенсите или електричната енергија како минатата година, тврдат мелничарите. Но, во таков случај, тие очекуваат Владата да реагира навремено и да ги изрегулира на соодветно ниво цените на енергенсите или струјата за да не се повтори, велат, проблемот од лани.
Според претседателот на Групацијата на мелничко-пекарската индустрија при Стопанската комора Горан Малишиќ, изминатите денови непотребно се крена многу прашина околу цената на лебот.
Како што изјави Малишиќ за МИА, Групацијата во консултации со најголемите индустриски производители на леб утврдила дека темата за зголемување на цената на лебот е само шпекулација во јавноста, поттикната од зголемувањето на цените на другите основни производи.
За пекарската индустрија од огромна корист би биле и ноќните вишоци што ги продава ЕСМ зашто и онака 75 отсто од производството се изведува во ноќните часови.
-Моменталната ситуација на цените на светските и регионалните берзи на пченицата, би рекол и покрај сите турбуленции околу војната во Украина, некако се стабилизираа на ниво од 230 до 245 евра тон за меркантилна пченица на најрелевантната Матиф Француска берза и на Чикашката берза од околу 205 до 215 евра по тон. Регионалните цени во моментов се движат во тој опсег помеѓу цените од двете берзи и сите индекси од берзите за цените во Декември 23, Март 24 или Мај 24 па и по жетвата во 2024 се движат во истиот опсег. Сите овие податоци ни даваат за право да веруваме дека по тој основ цената на брашното како и индиректно на лебот, посебно индустрискиот, ќе го задржат истото ниво на цени во идниот би рекол подолг период. Покрај овие берзански индиции, нашата Групација, во консулатции со своите членки, односно во консултации со најголемите индустриски производители на леб, утврди дека темата за зголемување на цената на лебот се само шпекулации во јавноста поттикнати од страна на зголемувањето на цените на другите основни производи, истакнува Малишиќ.
Цените на брашната за индустриска употреба моментно се движат, зависно од типот и квалитетот, од 20 па до 35 денари, а во малопродажбата од 30 до 50 денари.
-Овие цени се веќе константни во последниве три месеци и со индикативните берзански цени ќе останат на исто ниво, што ни дава за право да потврдиме дека цената на лебот во однос на брашното ќе нема никакви поместувања, освен ако драстично не се зголемат цените на енергенсите или електричната енергија како минатата година. Во таков случај очекуваме Владата да реагира навремено и да ги изрегулира на соодветно ниво цените на енергенсите или струјата за да не се соочиме со истиот проблем како лани, што беше една голема причина за поскапувањата, дециден е Малишиќ.
Вчера, министерот за финансии Фатмир Бесими апелира во време на криза да не се шпекулира со поскапувања. Тој напомена дека цената на белиот леб е се уште 33 денари и тука, подвлече, нема поместувања. Владата, рече Бесими, е подготвена да разговара со мелничката индустрија и да реагира соодветно за да ги заштити граѓаните, но, секој, како што дополни, носи дел од одговорноста.
Министерот за земјоделство Љупчо Николовски, пак, ги повика мелничарите да кажат кои се аргументите за поскапувањето на лебот, зашто, како што рече, купија суровина за 11, а не за 20 денари.
Министерството за економија наведе дека: Ценовниот раст може да произлезе од фактори на страната на понудата, односно од порастот на увозните цени, влошување на глобалните синџири на снабдување на пазарот, растот на цените на берзите на суровини (житата, брашното, зеленчукот, суровото масло, месото, млекото, сирењето) потребни во производство, како и цените на горивата и електричната енергија. Сите наведени фактори се клучните влезни компоненти во кои имаат директен одраз врз крајните цени на прехранбените производи. Согласно членот 29 од Законот за трговија, за што надлежност има Министерството за економија, мерки кои може да се преземат како форми на поддршка се ограничувањата на цените во трговијата, предвидени во исклучителни случаи, односно во услови на кризна состојба. Министерството за економија таквата пракса ја спроведе во време на КОВИД кризата и енергетската криза.
Владата на вчерашната седница донесе три мерки за поддршка на земјоделците – производители на пченица, јачмен и градинарски култури. Мерките предвидуваат по три денари за килограм остварено и предадено или складирано производство на пченица, по три денари за произведен домашен сертифициран семенски материјал од прва и втора генерација на пченица и јачмен, по 35 денари за килограм домат произведен и продаден од 5 април – 31 мај, како и по 30 денари поддршка за краставици произведени од 5 април – 15 мај кога важеше одлуката за замрзнување на цените.