Новиот кошаркар на „Лос Анџелес Лејкерс“, Леброн Џејмс изјави дека тој не сакал да инсистира на доведување на Кавај Ленард, бидејќи не сака да се меша во работата на менаџерскиот тим.
Еден од најдобрите кошаркари на сите времиња летово го напушти „Кливленд“ и се пресели во Калифорнија, каде што ќе се обиде да ги врати „Лејкерси“ на врвот на НБА. На почетокот од преодниот рок се шпекулираше дека во „Лејкерси“ може да дојде и Ленард, ѕвездата на „Сан Антонио“, кој минатата сезона беше повреден, но и во конфликт со управата на клубот. Сепак, тој на крајот заврши во „Торонто“, каде беше разменет за Демар Дерозан. Ленард претходно изрази желба да игра за „Лејкерс“, што ќе биде една од опциите за наредното лето кога ќе стане слободен агент.
На прашањето зошто не побарал од „Лејкерси“ да направат се што требало да го донесат и Ленард, Леброн одговорил:
Бидејќи ми се допаѓаат младите момци кои се веќе во тимот. Нема да вршам притисок ни во било каква смисла. Верувам дека Роб Пелинка и Меџик Џонсон направиле неверојатна работа. Убеден сум дека тие знаат што е најдобро за тимот, а јас само сакам да биде дел од движењето кое треба да ја врати шампионатската франшиза таму каде што е, рече Џејмс.