Лефков: Бараме јавен увид на договорот со „Бехтел“ за да се види какви обврски надвор од надлежноста презеле Груби и Ковачевски

Миле Лефков, пратеник во собранието од ВМРО-ДПМНЕ, во вечерашното гостување во емисијата Топ тема на Ваша страна на телевизија Телма, вели дека вчера ја напуштиле седницата за измени на 8 законски решенија поврзани со изградба на Коридорите 8 и 10д, бидејќи целата стручна јавност била исклучена да даде свое мислење.
-Се замолчува целата јавност и стручните лица. Им се овозможува на оној кој не присуствува на седница на Влада, а продава земјиште на својата сопруга по цена од чинење на едно кило патлиџани. И на оној кој на поставување на камен темелник се шета со една маичка на која беше означен патниот коридор 8. Само ним им е познат договорот, на никој друг. Гледаме тука како 14 пратеници се потпишале, им се сониле условите, и ги предложуваат законите кои се спорни, Законот за експропријација, за земјоделско земјиште и за работни односи, изјави Лефков.
Тој праша, кој пратеник во која држава предлага зголемување на работното време сам, по своја иницијатива, од 60 часа неделно, потенцирајќи дека ВМРО-ДПМНЕ уште пред потпишување на договорот укажувала на голем број нерегуларности, а сега само се потврдило големо тргување со влијание.
-Кој пратеник во која држава предлага зголемување на работно време сам по своја иницијатива? Замислете, денеска до собранието не стигна никакво мислење од владата, односно оние кои се директно поврзани со корумптивниот надзор. И вие знаете и цела јавност посведочи за 22 милиони евра за надзор што произлегува во една крајно сомнителна постапка, една фирма која најпрво имаше забрана, па истата беше повлечена, а другата компанија се занимава со производство на долна облека. Замислете, добиваат дозвола и лиценца 5 дена откако конкурирале на јавниот оглас за вршење на надзор. Ние како опозиција реагиравме и кажавме дека оваа работа не оди на добро. И сега гледаме дека со овие предлог закони навистина станува збор за многу сериозно тргување со влијание. И ако е точно дека се предвидени огромни пенали за државата, тоа не е добро, рече тој.
Лефков посочи дека ВМРО-ДПМНЕ бара да се види договорот кој го потпишале Груби и Ковачевски, нагласувајќи дека тие треба кривично да одговараат бидејќи ја злоупотребиле службената положба и овластување и потпишале нешто што не е во нивна надлежност.
-Апелираме да се види тој договор и дали е точно дека се продолжува рокот од 6 месеци доколку не се усвојат овие законски одредби. Прашањето е, како Артан Груби и Ковачевски се осмелиле да договараат нешто што не е во рамки на нивната надлежност. Како можат тие да се обврзуваат на нешто кое што не зависи од нив, па дали тоа не ги исполнува условите за кривично дело и злоупотреба на службена должност, истакна Лефков.