Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков во гостување во емисијата „Клан Дебата“ на Клан Македонија зборувајќи за тоа, зошто ВМРО-ДПМНЕ се противи на законските измени во Законот за контрола на опојни дроги, рече дека поради хиперпродукцијата на лиценци кои ги издаде Владата како и не донесените подзаконски правни акти,, наместо прашање од економски аспект, се претвори во прашање од безбедносен аспект.
„Треба да се запрашаме, што е целта на овој закон. Реков дека целта во согласност со сите пратенички групи е да се унапреди производството за медицински цели. Зошто не успеа Министерството за здравство соодветно да го регулира и ова прашање? И наместо од економски аспект за неколку години, тоа се претвори во прашање од безбедносен аспект. Имавме началници на полициски станици во Македонија, од Прилеп кој предводеше караван од марухуана што требаше да заврши во Грција. Од Валандово, потоа се пронајдоа стотина или двеста кила во Арачиново, исчезнаа 1,8 тони марихуана…“, истакна Лефков.
Тој додаде дека и покрај овие огромни количини на марихуана кои исчезнуваат, Македонија е земја со најмалку запленети вакви супстанци во Западен Балкан.
„Во извештајот Глобална иницијатива против транснационалниот организиран криминал, и покрај овие огромни количини, Македонија е земја што има најмалку запленето вакви недозволени срества од земјите од Западен Балкан, а помалку од нас има запленето само Косово. Се наоѓаме на врвот на корупцијата, односно, од економско прашање, од прашање за економски потенцијал, ова стана, за жал, безбедносно“, додаде Лефков.