Лефков: Скандал за АРМ, во мисии се испраќаат офицери без НАТО безбедносен сертификат

Министерката за одбрана Славјанка Петровска по стапките на нејзинта сопартијка и претходничка на должностаРадмила Шекеринска упатува персонал во мисии надвор од Македонија без да се почитуваат основните услови, а тоа е кандидатите да поседуваат НАТО безбедносни сертификати. На мисии се праќаат офицери без да ги исполнуваат потребните услови, само ако се во врска со политичкиот врв, обвини во петокот Миле Лефков, пратеник и член на Извршниот комитет на опозицската ВМРО-ДПМНЕ.

„Според наши информации земјава има случај на сериозен безбедносен пропуст кога е вратен висок офицер на АРМ од мисијата КФОР во Косово. Имено постојат индиции дека службите имале одредени информации дека офицерот не ги задоволува критериумите, сепак по одредено политичко влијание од поранешни политичари со потекло од истото село од кое потекнува и тој, село Муртино, струмичко, офицерот без безбедносен сертификат заминал на мисија“, рече Лефков

Потсети дека ова не е првпат да се направи ваков безбедносен пропуст, алудирајќи на сличната ситуација и во мисијата ИСАФ во Авганистан, кога беа упатувани лица без безбедносни сертификати, кои не можеа да изведуваат никакви дејности, дури и не можеа да се движат слободно низ базите.

Овојпат, како што посочи Лефков, по минати пет месеци во мисија, офицерот по налог на НАТО бил принуден предвреме да се врати во земјата.

„Но се поставува прашање кој ќе ја преземе одговорноста за направена штета на буџетот во висина од 50.000 евра по основ на плати, логистички трошоци и административни трошоци?“, праша Лефков.

Посочи дека без поседување на безбедносниот сертификат, македонскиот офицер во базата во Косово не можел да извршува никакви задачи, односно дека пет месеци само спортувал и одмарал без да има пристап до какви и да се информации и активности.

„Дали некој од одговорните лица во министерството за одбрана и од Воената служба за безбедност и разузнавање ќе сноси одговорност за ваквите безбедносни инциденти, како и одговорност за нанесената штета на буџетот?“, повторно праша Лефков.