Лефков: Со протестот на 18 јуни ќе се стави крај на оваа Влада која работи само за лични интереси

Миле Лефков, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ во своето гостување на радио Лидер зборуваше за протестот кој ВМРО-ДПМНЕ го најавува за 18 јуни и укажа дека целта на тој протест е конечно да се стави крај на оваа Влада затоа што владата не работи за интересот на граѓаните, за народот, туку ова е Влада која работи само за лични интерес.

-Секогаш против недемократијата мора да се борите со демократски методи, во таа насока сега големиот протест ќе биде на 18 јуни, која е целата идеја која ја започнавме? Најпрво најавивме дека ова не е трка на 100 метри, гледате дека тие сериозно се заглавени во криминал. Ова Влада не е Влада за интересите на граѓаните, ова Влада е само за лични интереси и тие немаат намера така лесно да се откажат. Ние започнавме со активна блокада во Собрание, ние не блокираме, туку секогаш кога сакате да изразите некоја сложена идеја мора да користите идиом затоа велиме активна блокада, рече Лефков во своето гостување.

Во врска со најавениот протест Лефков посочи дека ова е протест за сите незадоволни граѓани без разлика на својата припадност.

-Она кое и е потребно на Македонија и ние апелираме е потребен протест против ова ненародна власт во која ќе учествуваат сите, тука мислам и на Македонци, Албанци, Турци, Роми на сите кои се незадоволни од оваа власт, затоа што кога не задолжуваат, задолжувањето не бира партиска припадност, затоа што кога немаме здравство, кога ни гореа живи луѓе, огнот не бираше дали тие се од една или друга или трета партија, токму поради тоа протестот на 18 јуни е протест за сите граѓани, кажа тој.

Пратеникот Лефков во текот на своето гостување говореше и за организацијата на протестот и објасни дека протестот ќе биде добро организиран и ќе се употребат разни мерки, методи и начини со што премиерот Димитар Ковачевски ќе види толпа луѓе кои се незадоволни од нивните политики.

-Протестот ќе биде беспрекорно организиран, до тој момент ќе го искористиме со повеќе мерки, методи и начини да апелираме и да ни се вклучат сите граѓани. Ние на 18 јуни ќе отиде пред Влада за да види премиерот Ковачевски како изгледа таа маса на луѓе затоа што него го бираа онлајн , тој не видел, не говорел пред голем број на луѓе, додаде пратеникот.