Најава за одлуката на Раул дојде уште пред два дена, а синоќа самиот тој ја потврди информацијата.
Како образложение за својата одлука ги наведе неможноста да го следи високото темпо поради својата возраст и желбата да биде покрај својата сопруга и шесте деца кои живеат во Мадрид.
Ова воопшто не е лесен момент за мене, но сметам дека е вистински. Време да ставам крај и да кажам збогум. Одлуката е тешка, но не може да се смени. Ја завршувам кариерата на крајот од оваа сезона, изјави самиот Раул.
За 21 година, колку што траеше неговата професионална кариера, тој беше еден од најдобрите стрелци во шпанскиот и европскиот фудбал и вистинска легенда на Реал Мадрид.
Додека играше за најтрофејниот шпански клуб, тој беше најдобар стрелец во неговата историја, во Лигата на шампионите и во својата репрезентација. Подоцна, неговите рекорди ги соборија Кристијано Роналдо (во Реал) и Давид Вилја (во шпанската репрезентација), но тоа воопшто не ја помати славата на Раул кој за 21 година професионална кариера освои 17 трофеи.
Се разбира, најважни му се трите во Лигата на шампионите, иако освои уште шест во Ла Лига, два во Интерконтиненталниот куп и четири во Супер купот на Шпанија, сите во дресот на Реал. Подоцна, со Шалке триумфираше во Купот на Германија, а со Ал Сад во катарското првенство.
Ако рекордите според бројот на постигнати голови му ги достигнаа, му остана оној според одиграните натпревари во дресот на Реал кој изнесува 741 и кој, веројатно, уште долго нема никој да го загрози.