Лекарите алармираат за нов бран на коронавирусот во јануари

Мерките за заштита од коронавирусот кои Владата ги донесе во пресрет на новогодишните и божикните празници не се доволни, алармираат лекарите и предупедуваат дека здравствените работници се на колена, а здравството се одржува вештачки, бидејќи системот е пред колапс.

Медицинските работници апелираат до граѓаните, на кои власта откако не воведе полициски час, сепак им остави можност да ги минат празниците во друштво, да бидат совесни, оти вирусот ќе помине, а изгубените животи нема да се вратат.

„Коронавирусот не бира по пријателство, дали си близок со некој. Затоа апелираме празниците да се поминат во кругот на најтесното семејство, бидејќи животот ќе помине и без масовни прослави. Зошто, здравството се одржува вештачки, а докторите на сите нивоа се веќе преморени“, вели доктор Ненад Лазаров.

Дека пикот на заразата во земјава е сѐ уште тука потврди во прилогот на телевизија Алфа и др Злате Мехмедовиќ. Тој вели оти за надминување на вториот зимски бран ќе може да се зборува само кога драстично ќе се намали бројот на новозаразени и починати. Признава дека надлежните при димензионирање на рестриктивните мерки прават баланс помеѓу економската и здравствената стабилност.

„Во моментов го живееме пикот на вториот бран. Се додека не почне да се намалува бројот за заразени и починати, ние се уште сме на врвот од овој корона бран. Кога ќе почне кривата да паѓа тогаш може малку да здивнеме“, вели Мехмедовиќ.

И покрај опасноста од нов уште посилен бран по празниците, како последица од непочитувањето на мерките, властите во земјава не размислуваат за воведување на полициски час. Најновата одлука на Владата се однесуваше само на ограничувањето на работното време на угостителските објекти, но инспекторите признаа дека мерките делумно се почитувале.

Од друга страна на големо се изнајмуваат викендички во туристичките места за новогодишните празници. Се нуди простор и за 15 луѓе без да се праша дали се од исто семејство. Надлежните најавија казни, но не кажаа како ќе ги контролираат сите изнајмувачи во ски центрите.