Докторка дошла на државната Гинеколошко акушерска клиника (ГАК) во деветти месец од бременоста, без да им каже на колегите и на жените со кои лежела заедно в болничка соба, дека свекор ѝ со кого заедно живеат во исто домаќинство, е позитивен на коронавирусот, дознава „Слободен печат“ од свои извори во лекарските кулоари, кои се крајно разочарани од ваквиот однос на својата колешка.
Ноќта меѓу 6 и 7 јуни, докторката влегла како пациентка на клиниката во деветиот месец од бременоста и никому не му кажала на задолжителниот епидемиолошки прашалник при прием дека во семејството има дијагностициран позитивен случај на Ковид 19. Ја примиле и ја сместиле на одделение со други родилки. Во истата соба имало уште две жени.
Докторката била примена без никакви симптоми, а на клиниката се расчуло, сосема случајно, преку конекции на болничкиот персонал дека таа во фамилијата има позитивен случај на Ковид-19. Веднаш кога дознале, лекарите ја симнале на долниот спрат, на одделението за изолација и тогаш лекарката не сакала да се тестира. На своја одговорност потпишала дека ја напушта клиниката и отишла во приватна клиника да се породи.