Леонардо го носи Конте на „Сан Сиро“

Италијанските медиуми дознаваат дека идниот спортски менаџер на „Милан“, Леонардо ќе направи промена на клупата на „росонерите“ каде во моментот е Џенаро Гатузо.

Антонио Конте е без ангажман откако доби отказ од „Челзи“, па наводно официјални лица на „Милан“ веќе го контактирале. Конте е желбата на идниот спортски директор Леонардо, кој пристигнува на „Сан Сиро“ по големи реновирања на италијанскиот гигант.

„Милан“ од неодамна има нов сопственик,  американскиот инвестициски фонд „Елиот“, кој ја промени речиси целата администрација. Масимилијано Мирабели и Марко Фасоне веќе го напуштија клубот, а освен Леонардо, треба да дојдат и Иван Газидис од „Арсенал“ и Умберто Гандини.

Со Мирабели и Фасоне „Милан“ може да го напушти и Гатузо, кој го презеде клубот во текот на минатата сезона. Тој го замени Винченцо Монтела на клупата, кој и покрај огромната инвестиција не успеа да го придвижи тимот. Со доаѓањето на Гатузо многу работи се променија бидејќи играчите добија многу поголема желба, но тоа не изгледа доволно за новите сопственици кои сакаат „Милан“ да се бори за титулата.

Досега, „Росонерите“ ги донесоа Хрватите Ален Халиловиќ и Иван Стриниќ, како и шпанскиот голман Пепе Реина.