
Изборите треба да се спроведат во еден прилично нормален амбиент, а овој амбиент на страв од корона вирусот, носење на маски не е баш соодветен, рече Андреј Лепавцов, поранешен македонски амбасадор во мисијата на ЕУ во Брисел на гостувањето на емисијата „Заспиј ако можеш“ на телевизија Алфа.
-Како ќе се оди да се гласа ако мора да се носат маски, праша Лепавцов.
Тој говореше за варијантите кога се одлучува за избори.
-Или го терате мандатот до крај кога сте на власт или одите на брзи избори за да останете на власт или ризикувате. Сега очигледно е дека интенцијата е за брзи избори. Не е спорно дека треба да се одржат, но кај народот има страв. Народот е исплашен, се движат луѓето на дистанца. Да бидеме малку пострпливи за да направиме избори кои ќе бидат успешни и валидни, рече Лепавцов.
Лепавцов посочи дека има и многу технички прашања на кои нема одговор.
-Еве на пример што со набљудувачите. Авионски сообраќај нема, земји од ЕУ ја продолжуваат вонредната состојба. Има многу технички прашања кои не верувам дека брзо ќе се разрешат, не верувам дека тоа ќе се случи за месец дена, посочи Лепавцов.