Неделава, во Охрид ќе започне 56. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ). На Школата којашто ќе трае до 31 август ќе учествуваат околу 70 странски македонисти и слависти од 18 држави – посветеници на македонскиот јазик, литература и култура. Пријавени се семинаристи од НР Кина, САД, Република Кореја, Италија, Франција, Грција, Турција, Полска, Словачка, Унгарија, Украина, Романија, Руската Федерација, Словенија, Хрватска, Србија, Албанија и Чешката Република. Составот на учесниците уште еднаш потврдува дека се остварува определбата на МСМЈЛК при УКИМ, македонскиот јазик да одекнува насекаде низ светот.
Меѓу семинаристите, и оваа година ќе има и универзитетски професори, значајни истражувачи од славистичкиот свет – лингвисти, книжевници и културолози и книжевни преведувачи, особено во групите на напреднато рамниште, но одделно значајна е бројноста и на семинаристи на почетно и средно рамниште, кои се од новите генерации посветеници на македонистиката и имаат желба и подготвеност да ги афирмираат македонскиот јазик, литература и култура во светот во текот на следните години и децении. Вложувањето во нив е и влог во иднината на странската македонистика.
Истовремено, значајно е што бројот на семинаристите се зголемува во споредба со претходните години, што е уште еден показател и за континуираното зголемување за македонистиката во меѓународната академска заедница, со залагања од МСМЈЛК при УКИМ и посветена работа на лекторатите по македонски јазик, како и со залагања на странските македонисти од странските универзитети.
Покрај тоа што годинава, на Школата ќе има учесници дури и од Кина, значајно е и што повторно ќе има семинаристи и од САД, Република Кореја и Италија, со што се покажува дека возобновениот интерес за македонистиката и во тие културни средини, веќе има и континуитет. Меѓу другото, од Турција, и годинава, покрај семинаристи од Истанбул ќе има и семинаристи од Анкара, каде македонистиката се воведе пред две години, додека учеството на семнаристи од Албанија е важно и заради тоа што изминатиов период се интензивираа активностите и за повторно отворање на Лекторат по македонски јазик во Тирана, каде има забележлив интерес за македонистиката. Истовремено, континуирано се зголемува интересот за изучување на македонскиот јазик од семинаристи од Грција. А подеднакво значајно е и што продолжува интересот и од земјите од кои традиционално, со децении, непрекинато има учесници на школите на МСМЈЛК при УКИМ.
И за ова издание на Школата, конципирана е програма која се очекува на странските македонисти и слависти да им овозможи нови сознанија за македонскиот јазик, литература и култура и да ги поттикне на натамошни истражувања посветени на македонистиката. Од нивното пристигнување во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид на 17 август па сè до 31 август, предвидено е семинаристите на Школата да следат лекторска настава и веќе се организирани лекторски групи за сите нивоа на познавање на македонскиот јазик – почетно, средно и напредно, и тоа напредно со две поднивоа, за јазик, и за литература. На Школата ќе се одржат и единаесет предавања на еминентни истражувачи, за важни теми за македонскиот јазик, литература и култура, при што дел од нив ќе бидат и во чест на важни јубилеи за македонистиката и за македонската историја кои се чествуваат во 2023 година. Пред сè јубилеите 120 години од објавувањето на книгата „За македонцките работи“ од Крсте Мисирков, како и 120 години од Илинденското востание и 100 години од раѓањето на Ацо Шопов. Во рамките на Школата ќе биде организирана и јазична работилница, а заа семинаристите коишто се интересираат за македонскиот фолклор, традиционално ќе се одржи и курс по македонски ора. Во рамките на Школата ќе се одржат и промоции на значајни книги, книжевни средби и интерактивни настани, а семинаристите ќе бидат специјални гости и на 35. издание на традиционалната меѓународна манифестација „Поетска ноќ во Велестово“.
Свеченото отворање на 56. Летна школа на МСМЈЛК при УКИМ е закажано на 18 август 2023 година, напладне.
Школата се организира со финансиска поддршка од Министерството за култура, а дел од програмските активности ќе се остварат и со поддршка од Општина Охрид.
По 56. Летна школа се најавува и јубилејната, 50. Меѓународна научна конференција на МСМЈЛК при УКИМ, којашто ќе е одржи од 1 до 3 септември 2023 година во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид.