Летото во 2024 година беше најтоплото на северната хемисфера откако се бележат податоците, објави во петокот службата за климатски промени на Европската унија „Коперник“ (Copernicus).
Глобалната просечна температура за летото на северната хемисфера (од јуни до август) 2024 година беше највисока досега, со 0,69 степени Целзиусови повисока од тримесечниот просек забележан во периодот од 1991 до 2020 година, според податоците на Коперник.
„Во текот на последните три месеца од 2024 година, Земјата ги доживеа најтоплите јуни и август, најтоплиот ден досега и најжешкото лето досега. Оваа низа рекордни температури ја зголемува веројатноста 2024 година да биде најтоплата година досега“, рече заменик-директорката на службата Саманта Барџес.
„Екстремните температурни настани што ги видовме ова лето само ќе станат поинтензивни, со уште попогубни последици за луѓето и планетата ако не преземеме итни мерки за намалување на емисиите на стакленички гасови“, предупредува Барџес.
Просечната температура во Европа во текот на трите летни месеца била највисока досега, со 1,54 степени Целзиусови над просекот од 1991 до 2020 година, надминувајќи го претходниот рекорд од 1,34 степени Целзиусови поставен во 2022 година.
Според извештајот на „Коперник“, условите биле повлажни од просечните во западна и северна Европа. Во поголемиот дел од медитеранскиот регион и во источна Европа, условите биле посуви од просекот, што доведе до суша на некои места.
За периодот од септември 2023 година до август 2024 година, просечната глобална температура била за 1,64 степени Целзиусови повисока од прединдустрискиот просек, покажуваат податоците на „Коперник“.
Климатската служба на Европската унија едовно објавува податоци за температурата на површината на Земјата, морската ледена покривка и врнежите. Резултатите се базирани на компјутерски генерирани анализи кои земаат предвид милијарди мерења од сателити, бродови, авиони и метеоролошки станици ширум светот.