Летово на кафе во Милениумскиот крст

Скопски „Бетон“ и „Турбоинжинеринг“ се единствени фирми кои се јавија на тендерот за доизградбата на Милениумскиот крст. Директорот на Јавното сообраќајно претпријатие кое стопанисува со објектот, Мишо Николов, вели дека за една недела би требало да се објави електорнска аукција на која ќе се избере изведувач кој што во рок од девет месеци би требало да го доизгради Милениумскиот крст.

Скопски „Бетон“ за градежните активности бара 69 милиони денари, додека „Турбоинжинеринг“ 74 милиони денари.

Најголем дел од парите ЈСП ќе ги обезбеди преку владини донации.

Според Николов, постои голема можност на електронската аукција и двете фирми да ја намалат својата првична понуда. За доизградба на оваа туристичка атракција, Советот на Градската власт на Јавното сообраќајно претпријатие му одобри 120 милиони денари.

Избраната градежна фирма  треба да направи антикорозивна заштита на металната конструкција, која што по правило се прави на десетина години. Треба да го изгради ресторанот во кружната соба, а исто така да изгради водовод, одвод, прочистителна станица, ново осветлување и нов лифт што ќе води до краците.

Ресторанот би требало да биде ставен во употреба уште летово, а со него ќе стопанисува сопственикот на ресторанот „Воденица“, Стојан Филиповски.

Засега Македонската православна црква не е заинтересирана да гради црква во темелите, односно во најнискиот дел од објектот, иако тоа е предвидено со основниот проект на авторите Жан Стефановски и Оливер Петроски.

Градежниот институт „Македонија“, што за 65.000 евра беше ангажиран од Градот за истражување за подземни води на Водно, кон крајот на ноември минатата година пронајде вода на 150 метри длабочина, во близина на детското одморалиште. Оваа вода, меѓу другото ќе се користи и за потребите на ресторанот.