Првата летна аквизиција на старо-новиот шампион на Германија, тимот на Баерн Минхен, Роберт Левандовски откри зошто ја прифатил понудата на баварскиот гигант и ја одбил таа за продолжување на соработката, која му била понудена од раководните лица на сега веќе поранешниот клуб, Борусија од Дортмунд.
„Јас имам една зацртана цел, а таа е да освојам што е можно повеќе титули на фудбалската сцена. Сакам да ги освојам најголемите, најважните пехари на фудбалската сцена. Шансата за такво нешто е многу поголема кога на себе го имаш дресот на Баерн Минхен. Искрено, многу ме боли поразот во финалниот натпревар од Купот на Германија. Сакав со победа, со пехар да се простам од најверните фанови на Борусија од Дортмунд. Освоив две шампионски титули како напаѓач на Борусија, го освоив и пехарот во Купот на Германија, а бев дел и од финалниот натпревар во Лигата на шампиони. Имав прекрасен престој, си поминав многу убаво и никогаш нема да ги заборавам годините кои ги поминав како фудбалер на Борусија. Сепак, ова е вистинскиот момент за да направам чекор напред”, изјави репрезентативецот на Полска.