За неколку часа ќе стартува и последното првенствено коло од актуелната сезона во германската Бундес лига. Шампионската титула веќе заврши кај фудбалерите на Баерн (М), Борусија Дортмунд и Шалке веќе обезбедија директен пласман во групната фаза од Лигата на шампионите, а денеска ќе дознаеме и кој тим ќе обезбеди пласман во последното квалификациско коло од најпрестижното клупско натпреварување.
Најблиску до четвртата позиција се фудбалерите на Баер од Леверкузен кои имаат обврска да забележат триумф во денешниот дуел против гостинскиот тим на Вердер Бремен.
Кикс на популарните “фармацевти”, посакуваат фудбалерите на Волфсбург кои пак имаат обврска да забележат позитивен резултат во дуелот со директниот ривал за четвртата позиција, тимот на Борусија Менхенгладбах.
Кога е во прашање борбата за опстанок, најблиску до второлигашкото друштво се фудбалерите на Брауншвајг и Нирнберг, додека Хамбургер најверојатно ќе игра два бараж натпревари против третопласираниот тим од германската Втора лига.
Денеска на програмата: Аугсбург – Ајнтрахт Ф., Леверкузен – Вердер, Хановер – Фрајбург, Баерн М. – Штутгарт, Хофенхајм – Брауншвајг, Херта – Борусија Д., Мајнц – Хамбургер, Шалке – Нирнберг, Волфсбург – Борусија М.