Левица алармира: За „Бехтел и Енка“ увоз без царина, промет без ДДВ, гориво без акциза… ќе се „протнат“ 9 законски измени во Собранието

Собранискиот спикер Џафери закажа итна на седница за понеделник, на која власта по скратена постапка сака да протне девет предлог закони поврзани со коридорите 8 и 10 Д. Со овие предлог-закони, номинираниот стратешки партнер „Бехтел и Енка“, како и сите учесници во овие проекти ќе добијат бројни даночни, царински олеснувања и дополнителни народни пари и привилегии – реагира партијата Левица со соопштение.

„Со Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за утврдување на јавен интерес се овозможува ослободување од данок на додадена вредност (со право на одбивка на претходен данок) и акциза на енергенти за прометот на добра и услуги кој е извршен кон Инвеститорот од страна на Стратешкиот партнер, како и прометот кон Стратешкиот инвеститор за цели на проектот од овој закон.

Исто така, со предлозите се предвидува ослободување од данок на додадена вредност, увозни давачки и данок на моторни возила („pick-up“ возила) на увозот кој е извршен од страна на Стратешкиот партнер за целите на овој проект.

Со овој предлог закон се овозможува дополнително да профитираат и инвеститорот и стратешкиот партнер на штета на државата и македонските граѓани, со што ќе ги бетонираат стекнатите монополски права, преку низа даночни и царински ослободувања на сметка на Буџетот во најголемата економска криза“ – се вели во соопштението на Левица.

Партијата потсетува дека американско-турски конзорциум „Бехтел и Енка“ беше номиниран за стратешки партнер за имплементација на проектите за изградба на коридорите 8 и 10 Д во јули 2021 година. И покрај многубројните остри критики и иницијативата на ДКСК за оспорување на Законот за јавен интетрес, затоа што ги крши уставните начела против монополската положба, Уставен суд ја отфрли иницијативата на Антикорупциската комисија.