
Додека директорот Локман Лимани од Алтернатива се луксузира во модерни канцеларии, репрезентации и патувања, вработените во АД Водостопанство Скопје немаат земено веќе четврти месец плата, обвинува партијата Левица.
Во услови на криза и препораки за штедење, директорот ги реновирал просториите за состаноци, а својата канцеларија, освен што ја реновирал, ја пресели и на Водно. Од друга страна, на работниците освен плата, не им се уплатуваат ниту придонеси, па со тоа го губат правото на бесплатно лекување.
Голготата на работниците е доведена до тој степен, што дел од тие што имаат потреба од медицински интервенции, го молат директорот да ги одјави, за да се пријават како невработени во Агенцијата и да користат здравствени услуги, вели Левица и додава:
„Јавноста е сведок како оваа корумпирана влада вештачки ги уништува јавните претпријатија, преку нивните неспособни кадри, заглавени во криминали. Дали, по примерот од погубната транзиција, СДСМ спрема приватизација и на водата во Македонија?“