Од партијата велат дека со овие измени се прави обид неуставно, работната недела од 40 часа се зголемува на 60 часа и работниците да работат и во недела.
Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, порача дека некој ќе заглави во затвор за договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на четирите автопати, бидејќи во него пишува дека изведувачот има право на големо финансиско обештетување доколку не му се овозможи да ангажира работници на 60 часа неделно работно време.
„Антимакедонската влада на ДУИ, со ВД премиерот Таче, потпишала противуставен договор со американскиот конзорциум “Бехтел и Енка”, дека ако не му обезбедат 60 часовно работно време за работниците на автопатите, ќе треба да му плати 53 милиони ЕУР на име “пенали” (оштета)! p.s. Не знам кој ве насамарил да го потпишете договоров, ама знам дека некој ќе заглави у затвор после падот на хунтава“, пишува Апасиев.
Предупреди дека тоа значи оти вековното работничко право за 8 часа работа, ќе биде укинато за македонските работници кои ќе може да работат шест дена по 10 саата, или пет дена по 12 саата на ден.
„СДС дали сте свесни што правите?“, праша Апасиев.
Во Собранието попладнево почна седницата на Комисијата за труд и социјална политика на чиј дневен ред е предложената законска измена, по скратена постапка. Законот е еден од осумте закони за кои пратениците од мнозинството предложија измени, а поврзани со изградбата на автопатските делници од коридорите 8 и 10-д што ќе ги гради американско-трускиот конзорциум „Бехтел и Енка“.