Левица поднесе кривична пријава против Талат Џафери за прекршување на Уставот и пречекорување на овластувањата

Политичката партија Левица поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство – Скопје против претседателот на Собранието Талат Џафери, информира партиајта.

Левица го товари Џафери дека „своеволно и спротивно на Уставот, Законот и Деловникот го оневозможил спроведувањето на граѓанската иницијатива на државно ниво за собирање 150.000 потписи за распишување задолжителен дополнителен референдум за Законот за ратификација на Договорот за добрососедство со Бугарија.

Пријавениот се товари дека, намерно и со умисла, преку противуставното, противзаконското и противделовничкото одбивање на уредната граѓанска иницијатива – поднесена од страна на група од 646 граѓани, на пропишаниот образец од страна на Државната изборна комисија – сторил тешко кривично дело против изборниот систем – „Спречување на избори и гласање”, казниво по чл. 158, ст. 1 од Кривичниот законик, со запретена минимална затворска казна од најмалку три години.

Во пријавата се нотира дека, со ова свое инкриминирано деликтно дејствие, преку злоупотреба на своите службени овластувања, пријавениот арбитрарно го ускратил врховното колективно уставно право на граѓаните, како носители на народниот суверенитет, на т.н. директна демократија, свесно спречувајќи нивно непосредно изјаснување по пат на референдум.

Според Левица, спикерот не е надлежен да се впушта во мериторно оценување на иницијативата за распишување референдум, туку исклучиво може само да ја цени нејзината уредност, како поднесок, од формално-правен аспект. Toj исто така не можел сам, без претходно прибавено мислење од две собраниски комисии, да одлучи за уредноста на иницијативата. Џафери бил должен прашањето да го префрли на парламентарниот пленум на Собранието, поради тоа што само тоа има уставна и материјална надлежност да цени дали истата ќе продолжи или ќе запре, бидејќи единствено Собранието, во полн состав, на пленарна седница, е надлежно мериторно да одлучи за уредноста или неуредноста на поднесената граѓанска иницијатива.