Левица постави спомен-плоча во чест на загинатите бранители кај Вејце

Делегација на Левица, предводена од претседателот  Димитар Апасиев и пратеникот Борислав Крмов, оддаде почит на бранителите убиени во масакрот кај Вејце од, како што велат, терористичките формации на ОНА. Претседателот на Левица на местото на злосторството постави спомен-плоча во чест на загинатите бранители.

Советниците на Левица ширум Македонија деновиве поднесоа иницијативи за остварување на правата на бранителите, кои во 2001 година храбро се бореа за зачувување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Републиката.

„Масакрот во Вејце е едно од најбруталните и најгромозорните воени злодела, за кои сведочи поновата историја. На 19 јули 2011 година, со автентичното толкување на Законот за амнестија, сторителите беа амнестирани од Собранието на Македонија, со гласење на пратениците од владејачката ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, а под силен притисок од странскиот фактор. Правдата за семејствата на загинатите македонски херои никогаш не пристигна“, се наведува во соопштението на Левица.

Оттаму потсетуваат дека хероите Роберт Петковски, Бобан Трајковски, Игор Костески, Миле Јаневски, Марјан Божиновски, Илче Стојановски, Кире Костадиновски и Бошко Најдовски, кои животот го положија за својата татковина, вечно ќе живеат во колективната меморија на македонскиот народ.