При борбата со кризата и економските последици произлезени од неа, уште еднаш се покажа безидејноста, конфузијата и неспособноста на техничката влада предводена од Оливер Спасовски, истакнуваат од Левица.
Наместо искористување на ниското ниво на нафтените деривати на светските берзи за поттикнување на економската активност, посочуваат од Левица, Владата донесе крајно погрешна одлука за зголемување на акцизата за три денари.
„Оваа одлука е на голема штета и на народот коj сега ќе го сноси најголемиот товар од погрешно водената „Групер” економска политика, проследена со непромислените економски и „социјални“ мерки. Фијаското се надополнува преку потценувачкиот изговор на Владата дека и покрај ова зголемување, цените на нафтата остануваат најниски во регионот. Фактот што намерно го занемарува СДСМ е дека Македонија е држава со највисоки класни разлики во Европа, дополнително и на самото дно во регионот во однос на просечната нето-плата. Очигледно е дека ваквите мерки кои повторно ќе паднат врз грбот на народот се носени со цел да се заштитат моќните стопанственици и нивните бизниси, кои се директно дел од оваа владејачка гарнитура и чии фирми за време на кризата на улица оставија илјадници работници.
Оттука, Левица наместо зголемување на акцизите предложува итно воведување на прогресивно оданочување и данок на луксуз со што, не само што ќе се зголемат приходите во Буџетот, туку и преку праведното оданочување ќе се започне процесот на воспоставување социјална правда“, потенцираат од оваа партија.