Интегрално соопштение од Левица:
И покрај растот на директните инвестиции во Македонија последниве години, очигледен е фактот дека странските субјекти имаат бројни бенефиции при инвестирање и се во многу поповолна положба од домашните инвеститори.
Македонија стана само дестинација за оплодување на странскиот капитал, додека заработките се префрлаат во матичните компании – мајки фирми. Годишно над 200 милиони евра по основ на дивиденди на странските инвеститори се одлеваат надвор од земјата.
Највисоко учество на странски директни инвестиции има во 2007 година – 8,3% од БДП, а по извесен пад, во третиот квартал оваа година изнесува 5,5% од БДП. Македонија беше промовирана како инвестициски рај со евтина работна сила, за да се привлечат странски компании, но не се постигна очекуваниот економски развој.
Домашните инвеститори се дискриминирани, немаат еднаков третман и стопанисуваат во многу поотежнати услови. Странските инвеститори често увезуваат репроматеријали и суровини, место да ги исползуваат домашните ресурси. Посебно во технолошко индустриските развојни зони привилегиите се огромни, а во континуитет расте и доделената државна помош за нив.
Државната помош во 2021 година изнесува 24,5 милиони евра, од кои директно се исплатени 11,9 милиони евра од Буџетот на Република Македонија, а доделените даночни и царински ослободувања изнесуваат 12,6 милиони евра. Од 2017 година до 2021 година Дирекцијата за ТИРЗ доделила 75,5 милиони евра државна помош.
Директните инвестиции се реализираат и со купување на акции, а најчесто со берзанските трансакции само се менува сопственичката структура во корист на странскиот капитал и нивното учество е сè повисоко последниве децении.
Власта, со ваквиот начин на привлекување на странски инвестиции, ја прави Македонија непривлечна за домашните инвеститори, а истовремено додадената вредност наместо да се реинвестира во македонското стопанство – завршува во други држави.