Според првичните резултати, победник на изборите во Франција е левичарската алијанса Нов народен фронт и покрај тоа што очекувањата беа на првото место да заврши крајната десница на Ле Пен, Национален собир (РН). Иако овие резултати се олеснување за многумина во Европа, ќе биде тешко да се формира функционална влада.
Изборите ќе го остават парламентот поделен во три големи групи со многу различни платформи. Ова потенцијално може да навести период на нестабилност, освен ако левицата не успее да постигне договор со другите партии да работат заедно.
Според првичните резултати по затворањето на гласачките места во Франција, коалицијатас Нов народен фронт, која би можела да освои меѓу 180 и 215 места во парламентот. Центристичката коалиција „Заедно“ предводена од претседателот Емануел Макрон би можела да освои меѓу 150 и 180 места. Националниот собир 120-150 места.
Лидерот на левичарската коалиција Нов народен фронт, Жан Лук Меланшон, кој води на парламентарните избори во Франција, вечерва изјави дека францускиот претседател Емануел Макрон мора да го признае поразот.
„Макрон мора да го признае поразот. Тој има должност да ја покани нашата коалиција да формира влада“, рече Меланшон.
Тој истакна дека „поразот на Макрон е дефинитивно потврден“, додавајќи дека францускиот премиер Габриел Атал мора да ја напушти функцијата, пренесува Фигаро.
Меланшон оцени дека постигнале резултат „за кој ни рекоа дека е невозможен“.
Тој изјави дека партијата „ќе остане на своите зборови“ и ќе ја реализира својата програма.
„Волјата на народот мора строго да се почитува сега, никакви преговори не се прифатливи“, рече тој.
Џордан Бардела, лидерот на екстремно десничарскиот Национален собир (РН), кој го освои третото место на парламентарните избори во Франција, вечерва изјави дека изборните резултати се резултат на „неприродна алијанса“ што ја турна Франција во прегратките на левицата.
Во првото обраќање пред поддржувачите по објавувањето на резултатите, тој го критикуваше „неприродниот“ и „нечесен сојуз“ кој, како што рече, „го лиши францускиот народ“ од победата на Националното собрание.
„Вечерва, овие сојузи ја фрлаат Франција во прегратките на крајната левица на Жан-Лук Меланшон“, рече Бардела.
Тој потсети дека тие постигнале најдобар резултат на европските избори и во првиот круг од парламентарните избори и дека сега го удвои бројот на пратеници.
„Тоа е камен-темелникот на утрешната победа“, рече Бардела.
Тој оцени и дека претседателот Макрон ја турнал земјата кон „неизвесност и нестабилност“.