Либан го обвинува Израел за одолговлекување на повлекувањето

Либанската армија во саботата објави дека е подготвена да распореди свои сили на југот на земјата и го обвини Израел за одолговлекување на повлекувањето договорено според договорот за прекин на огнот што стапи на сила на 27-ми ноември минатата година.

Армијата соопшти дека е „подготвена да се распореди штом израелскиот непријател се повлече“. Исто така, ги повика жителите да „да бидат внимателни кога се враќаат во пограничните области на југ поради мини и сомнителни предмети оставени од израелскиот непријател“.

Според условите на договорот за прекин на огнот меѓу Израел и либанското шиитско движење Хезболах, либанската армија мора да се распореди на југот на земјата, заедно со силите на Обединетите нации, додека израелската армија ќе се повлече во период од 60 дена. Хезболах мора да ги повлече своите сили северно од реката Литани, на околу 30 километри од границата со Израел, и да ја отстрани целата своја воена инфраструктура на југот на земјата.

Кабинетот на израелскиот премиер во петокот објави дека повлекувањето на израелските вооружени сили ќе продолжи и по крајниот рок 26-ти јануари.

„Процесот на повлекување е условен со распоредувањето на либанската армија во јужен Либан и целосното и ефективно спроведување на договорот, како и повлекувањето на Хезболах преку реката Литани. Бидејќи либанската држава сè уште целосно го нема спроведено договорот за прекин на огнот, процесот на постепено повлекување ќе продолжи во целосна координација со САД“, соопшти кабинетот на Нетанјаху.

Кревкиот прекин на огнот стапи на сила по двомесечна отворена војна меѓу Израел и Хезболах, кои оттогаш меѓусебно се обвинуваат за негово прекршување. Војната избувна по нападот на палестинското сунитско движење Хамас, со кое Хезболах претходно имаше судири на различни страни во блискоисточните конфликти, во јужен Израел на 7-ми октомври 2023 година, со што започна војната во Појасот Газа.

Војната, која првично беше концентрирана на либанско-израелската граница, ескалираше во отворен конфликт во септември. Израел постојано ја бомбардираше либанската престолнина Бејрут и му нанесе неколку тешки удари на Хезболах, првенствено убивајќи го неговиот влијателен лидер Хасан Насрала.

Хезболах во четвртокот порача дека „секое прекршување на рокот од 60 дена ќе се смета за грубо кршење на договорот (прекин на огнот) и напад на либанскиот суверенитет“. „Тоа ќе ја принуди либанската држава да ги искористи сите неопходни средства… за да ја врати територијата и да се ослободи од окупацијата“, се наведува во објавата.

Новиот либански претседател Жозеф Аун пред една седмица изјави дека Израел мора да се повлече од окупираните територии во јужен Либан во рокот дефиниран со договорот.

Комитетот од претставници на Израел, Либан, Франција, САД и мировниците на ОН има задача да го надгледува спроведувањето на прекинот на огнот. На 17-ти јануари, генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш го повика Израел да ги прекине своите воени операции и окупацијата на јужен Либан.