Либан: Нови воздушни напади на израелската армија, нападната и џамија

Израелската армија изврши нови воздушни напади во саботата во Либан, особено во јужните предградија на Бејрут, кои се смеатаат за упориште на шиитското вооружено движење Хезболах, кое потврди дека е вклучено во судирите со израелската армија на границата со Либан.

Израелската војска, исто така, во саботата соопшти дека нападнала борци на Хезболах наводно засолнети во џамија во јужен Либан, што е прв таков бомбашки напад откако таму почнаа прекуграничните судири меѓу исламистичкото движење и армијата. Претходно имаше информации за уништување на древна ранохристијанска црква

„Синоќа… воздухопловните сили ги нападнаа терористите на Хезболах кои оперираат во команден центар во џамија во близина на болницата Салах Гандур во јужен Либан“, се вели во соопштението на израелската армија.

Хамас објави дека еден од неговите команданти, неговата сопруга и двете ќерки биле убиени во саботата во израелски напад врз палестински бегалски камп во близина на Триполи во северен Либан. Тоа е прв напад во овој регион од почетокот на војната во Газа, која започна со нападот на палестинското исламистичко движење врз Израел на 7 октомври 2023 година.

Како што се приближува првата годишнина од нападот, иранскиот врховен водач ајатолахот Али Хамнеи во петокот предупреди дека неговите сојузници, особено Хезболах и Хамас, ќе продолжат да се борат против Израел, нагласувајќи ги стравувањата од пожар на Блискиот исток.

Во јужен Либан, „израелските војници повторно се обидоа да напредуваат кон општината Адајсех“ и „судирите продолжуваат“, објави Хезболах во саботата, откако ги принуди израелските војници да се „повлечат“ од областа.

Хезболах, исто така, потврди дека со „ракети“ ја гаѓал израелската армија во регионот Јарун на југ, како и војниците на израелска територија.

Серија експлозии во исто време ги потресоа јужните предградија на Бејрут, а снимките на AFP покажуваат дека чад се издига во областа во близина на аеродромот. Израелската армија претходно издаде наредба за евакуација на одредени области.

Од текот на ноќта од четврток кон петок, израелската армија интензивно ги бомбардира јужните предградија на главниот град, при што беа уништени неколку згради. Според израелскиот информативен сајт Ynet, цел на овие напади бил Хашем Сафиедин, кој е потенцијален наследник на чело на движењето на Хасан Насрала, кој беше убиен на 27 септември во израелски напад во близина на Бејрут.