Либиската национална армија на генералот Калифа Хафтар предупреди дека ќе го потопи секој турски брод, кој ќе ја наруши морската граница на земјата, изјави началникот на военоморските сили на Либиската национална армија, генерал-мајор Фараџ Махдави.
– Имам наредба, во случај на приближување на истражувачки бродови, веднаш да ги потопиме, истакна Махдави.
Наредбата е добиена од Хафтар, а според Махдави армијата ќе го ослободи главниот град Триполи и ќе ја уништи желбата на Турците.
Од почетокот на оваа недела турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган двапати ја изрази подготвеноста на Анкара да испрати свои војници во Либија, доколку добие соодветно барање од Владата на национално единство на Фајез Сараџ врз основа на меѓусебно склучениот договор.
Станува збор за потпишаниот меморандум за меѓусебно разбирање на 28 ноември во Истанбул, во кој првата точка предвидува воспоставување воена соработка, а втората се однесува за разграничување на морските зони меѓу двете земји.
Претставничкиот дом на Либија го нарече овој договор „нелегитимен“, повикувајќи ги ОН да му го одземе меѓународниот мандат на кабинетот во Триполи.