Лицата со попреченост не добија дозвола од Град Скопје да постават протестен камп пред Собрание

Коалицијата „Менуваме“, која се бори за правата на лицата со попреченост, требаше во петокот да постави шатори наспроти Собранието во популарниот „Жена парк“, но за тоа не добија дозвола од актуелните власти на Град Скопје.

Од Град Скопје немаа одговор за медиумите на што се должи таквата нивна одлука, имајќи предвид дека протестниот камп беше уредно најавен.

Лицата со попреченост во вторникот одржаа протестен марш на кој побараа државата да им овозможи достоинствен живот. Побараа да бидат еднакви, побараа поддршка од заедницата…

На протесниот марш од Владата до Собранието учество земаа педесетина лица со попреченост, нивни блиски и поддржувачи, но не се појави ниту еден политичар, јавна личност, министер, а не дојде ниту претседателот на државата.

Пред Собранието лицата со попреченост ја испеаја химната, а потоа ги наведоа своите барања кои се јасни- да бидат видени и истовремно присутни во општеството, да покажат дека и тие знаат да пеат, играат и да се радуваат.

На 21-ви јули тие нивните барања ги поднесоа до Владата, но од таму сѐ уште немаат никаков одговор.

Тие бараат подобрување на социјалната заштита на лицата со попреченост со зголемување на месечниот надоместок на 12.000 денари, како и намалување на границата за добивање додаток од 26 годишна на 18-годишна возраст.

Од Коалицијата додаваат дека ќе бидат гласни се додека не се исполнат нивните барања. Бараат средба со премиерот Зоран Заев и седница на која ќе можат заедно да донесат одлука за лицата со попреченост и истата да биде во ставена во функција.