Вицепремиерот и министер за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, изјави дека лицето кое го извршило терористичкиот напад е Милош Жујовиќ (25), верско име Салахудин, преобратеник од Младеновац, јави МИА од Белград.
– Утврдено е дека лицето кое го изврши терористичкиот напад е Милош Жујовиќ (25), религиозно име Салахудин, преобратеник од Младеновац, кој се преселил да живее во Нови Пазар. Во продолжение на акцијата полицијата ќе изврши претреси на повеќе локации. Сите наши сили се на највисоко ниво на подготвеност – рече министерот Дачиќ, соопштенија од МВР.
Официјални лица и дипломати на Амбасадата на Израел не биле во зградата во моментот на инцидентот кога бил нападнат полицаецот, кој во самоодбрана го уби напаѓачот.
– Полицијата го истражува случајот. Немаме повеќе детали. Во моментот на настанот, Амбасадата беше затворена, а нејзините службеници и дипломати не беа во зградата. На ранетиот припадник на полицијата му посакуваме брзо закрепнување – изјавија од израелската амбасада во Белград.
„Нападот врз припадник на жандармеријата, кој ја обезбедуваше амбасадата на државата Израел во Белград, истовремено е и напад на дипломатско-конзуларното претставништво на земја со која Србија одржува пријателски врски, но и напад на Србија. Србија ќе има нулта толеранција кон тероризмот и секаков вид на екстремизам и ќе продолжи да гарантира неповредливост на странските мисии, согласно член 22 од Виенската конвенција за дипломатски односи“, се наведува во соопштението од српското МНР.
Во него се додава дека МНР на Србија во оваа прилика е во комуникација со ММР на Израел и дипломатите на таа земја во Белград, на кои ќе им ја пружат сета потребна помош и поддршка.
Премиерот на Србија, Милош Вучевиќ, најостро го осуди „грозоморниот терористички напад“ нагласувајќи дека државата Србија ќе знае решително да одговори на заканата од тероризам и им порача на граѓаните дека можат да се чувствуваат безбедно.
– Ова беше чин на лудило, кое не може да се припише на ниту една религија и ниту еден народ. Тоа е кривично дело извршено од поединец со име и презиме. Затоа, ги повикувам граѓаните да останат смирени и да не подлегнуваат на пропаганди на тие што би сакале да нѐ поделат меѓусебно – соопшти срспкиот премиер.
Тој порача дека „државата Србија ќе знае решително да одговори на заканата од тероризам“.
Припадник на Жандармеријата М.Ј (34) кој работи на обезбедување на израеласката амбасада во Белград, денеска беше нападнат и ранет од самострел при што во самоодбрана употреби огнено оружје и го совлада напаѓачот, кој им подлегна на повредите.