Личната и научната архива на Стивен Хокинг достапна во библиотеката во Кембриџ

Личната и научна архива на познатиот британски физичар Стивен Хокинг, вклучувајќи ги и неговите писма до членовите на семејството, е целосно каталогизирана и е достапна за јавноста во библиотеката на Универзитетот Кембриџ.

Авторот на бестселерот „Кратка историја на времето: Од големата експлозија до црните дупки“ почина во 2018 година на 76-годишна возраст. Неговото семејство донираше голема колекција од неговите предмети во 2021 година, а неговата научна и лична архива сега е целосно каталогизирана и јавно достапна на Универзитетот во Кембриџ.

Архивата со 113 кутии се состои од десетици илјади страници поврзани со неговата работа, како и фотографии и сценарија за филмови и телевизиски серии како „Симпсонови“, „Досиеја Х“ и „Футурама“, како и спомени на неговите средби со папите, претседателите и јавноста.

Во писмото до неговите родители од 1986 година, кое започнува со зборовите „Драги мајка и татко“, Хокинг го диктирал текстот користејќи го неговиот познат комуникациски систем што го стекнал по операцијата на трахеата истата година.

„Го пишувам ова писмо на мојот нов компјутер кој исто така зборува, но малку како Далек (вонземска раса од научно-фантастичната серија Доктор Ху) со американски акцент“, вели тој во писмото. „Тоа е многу корисно за комуникација, но е преголемо за носење. Сепак, имам уште едно што можеби ќе можам да го фиксирам на мојата количка“.

Писмата од архивата, исто така, го истакнуваат неговото застапување за научните колеги заробени зад Железната завеса за време на Студената војна, како и за правата на лицата со посебни потреби.

Во 1964 година, кога имал 22 години, на Хокинг му била дијагностицирана амиотрофична латерална склероза, парализирачка болест која предизвикува слабеење на мускулите на телото, па затоа најголемиот дел од животот го помина во инвалидска количка.

Во писмото од 1978 година до Кралската опера во Лондон, Хокинг напишал дека „воопшто нема објекти за лицата со посебни потреби“ и бара подобар пристап до зградата.

Архивистката Сузан Гордон, која поминала 28 месеци каталогизирајќи ја збирката, вели дека документите од архивата даваат увид во тоа како напорите на Хокинг да ја пренесе науката до пошироката јавност го претвориле во „поп икона“.

„Документит, исто така, откриваат како истата истрајност што Хокинг ја покажа во својата професионална кариера беше применета и за каузите во кои веруваше, вклучувајќи ги и правата на лицата со посебни потреби“, вели таа.

„Архивата ќе биде единствен ресурс за истражувачите заинтересирани за научната работа и академскиот живот на Хокинг, неговиот личен живот, популаризацијата на науката, правата за попреченост, помошните технологии и ѕвездите.