Лично Симеон Саксобурготски дал согласност да се користи името „Цар Борис Трети“ за здружението во Охрид

Лично Симеон Сакскобурготски, син на цар Борис Трети и поранешен премиер на Бугарија, дал согласност за отварање на Здружението „Цар Борис Трети“ во Охрид.

Согласноста од Сакскобурготски е дел од документацијата на Здружението при регистрацијата во Централниот регистер. Во неговата писмена согласнот, тој дозволува охридското здружение да го носи името на неговиот татко.

Неговата изјава била адресирана до Томе Блажески, кој подоцна станува претседател на Здружението „Цар Борис Трети“.

Инаку, од Централниот регистар реагираат до јавноста дека во Законот за здруженија и фондации не се предвидени посебни одредби (Регистар) за спорни и негативни личности од историјата

„Централен регистар на Република Северна Македонија во своето работење секогаш постапува и се води согласно постоечките закони во државата. Централниот регистар постапува согласно важечкиот Закон за здруженија и фондации во кој е наведено дека Правото на слободно здружување се остварува преку здружување во здруженија, фондации, сојузи и организациони облици на странски организации (во натамошниот текст: организации) за остварување на нивните цели, дејности и заштита на права, интереси и уверувања во согласност со Уставот и закон.  Се забранува основање на организација ако програмата и нејзиното дејствување е насочено кон насилно уривање на уставниот поредок на Република Македонија, поттикнување и повикување на воена агресија и разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост презема активности поврзани со тероризам, презема активности кои се спротивни на Уставот или закон и се повредуваат слободите и правата на други лица. Во членот 65 и 66 од Законот за здруженија и фондации се предвидени случаите кога се  забранува работата за организацијата. Согласно член 66 секој може и има право да поднесе иницијатива за забрана на организацијата пред надлежен јавен обвинител доколку дејствувањето е насочено кон насилно уривање на уставниот поредок, поттикнување и повикување на воена агресија и разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост, активности поврзани со тероризам, презема активности кои се спротивни на Уставот или закон и се повредуваат слободите и правата на други лица“, се вели во соопштението на Централен регистар.