„Лидер“: Велковски на „Евридики“, во МВР тензичен колегиум

Тензичен колегиум имало вчера во Министерството за внатрешни работи по откривањето на скандалот со злoупотребата на службеното возило од страна на директорот на БЈБ, дознава Лидер од извори во институцијата.

Порталот пишува дека директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ) Лазо Велковски со висок тон им се обраќал на своите колеги и трескал врати, затоа што бил убеден дека информацијата за злоупотребата на службено возило за летување на неговата ќерка во Грција излегла од внатре. Тој барал веднаш да се пронајде кртот кој ја издал информацијата, по која медиумите со камера го фатија џипот.

Велковски реагирал жестоко и на тврдењата на неговите колеги дека затоа што не е обезбеден налог за возилото, многу ќе биде тешко тој да се антидатира и да им се достави на медиумите.

Според правилникот, за еден полициски службеник да излезе од Македонија приватно, потребна е согласност од неговиот надреден. Според официјалното тврдење на МВР, џипот со девојките го возел вработен во МВР, а тој немал такво одобрение, затоа што бил приватно без службен налог.

Mинистерот Спасовски во моментов го штити својот колега Велковски и не го разрешува, но, затоа што и тој треба да биде потписник на дел од документите за излегување на возилото од Македонија, со самото тоа станува дел од мрежата за некоја понатамошна истрага.

Она што е интересно, е дека на фотографијата неговиот профил на апликацијата за комуникација „Вибер“, Велковски е сликан на место кое според оние кои биле таму, многу личи на летувалиштето „Евридики“, каде што службеното возило ја однело неговата ќерка на одмор заедно со нејзините другарки.

Велковски на своите колеги им се фалел дека и покрај тоа што кампот не е луксузен, тој ужива да оди таму, рекол изворот на Лидер. Во неговиот анкетен лист не е наведен кампот, но, на „Евридики“ се изнајмуваат кампови годишно за симболични цени, па можно е и така да има пристап до ова летувалиште.