Европските лидери, кои дискутираа до доцна синоќа за тоа како да се справат со имигрантската криза во Средоземното Море успеаја да усогласат план за згрижување на лицата, кои бегаат од војни и сиромаштија од земји во Северна Африка и на Блискиот Исток, објави МИА.
Лидерите, кои цврсто беа решени да не бидат вовлечени во препукувања за грчката должничка криза на средбата во Брисел, наместо тоа седум часа дискутираа дали да прифатат 40 илјади сириски и еритрејски кандидати за азил, кои се наоѓаат во Италија и Грција и уште 20 илјади лица, кои се надвор од ЕУ.
Тие постигнаа согласност за доброволна шема, задржувајќи ја бројката од 60 илјади, но им дадоа право на исклучување на Унгарија, која претходно го нарече планот апсурден и на Бугарија, една од најсиромашните земји во Унијата.
– Дебатите беа мошне интензивни, изјави германскиот канцелар Ангела Меркел по завршувањето на состанокот, при што ја опиша имигрантската криза како еден од најголемите предизвици, со кои таа се соочила додека ја извршува функцијата канцелар на Германија.
Изразувајќи разочарување, претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер изјави дека планот има скромни амбиции.
На прес-конференцијата синоќа тој истакна дека во еден момент од состанокот им кажал на лидерите дека не му е грижа за приговорите во однос на методологијата на планот.
– Треба да утврдам дали системот работи. Не е важно дали е доброволен или задолжителен, важно е дали можеме да им помогнеме на 60 илјади бегалци, рече Јункер.
Италијанскиот премиер Матео Ренци за време на вечерата синоќа им забележал на своите колеги поради немање интерес за да го поддржат планот, замислен како успешен одговор на трагедијата со смртта на две илјади имигранти во Средоземното Море оваа година.
– Ако сметаме дека Европа е само сојуз на буџети, тогаш тоа не е онаа Европа која ја замисливме во 1957 година во Рим, додаде Ренци.
– Доколку не се согласите за приемот на 40 илјади бегалци, не заслужувате да бидете наречени Европа, им порачал Ренци на останатите лидери.