Лидерите на четирите партии на средба со Хан

Во тек се разговорите на еврокомесарот Јоханес Хан со претставниците на четирите најголеми политички партии во Македонија за изнаоѓање решение за излез од политичката криза, во резиденцијата на Делегацијата на ЕУ во Скопје.

На средбата пристигна и амбасадорот на САД Џес Бејли.

На разговорите кои започнаа утрово околу девет часот присуствува и амбасадорот на ЕУ Аиво Орав. Први на средбата пристигнаа премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и претседателите на СДСМ Зоран Заев, а попладнево им се придружија лидерите на ДУИ Али Ахмети и на ДПА Мендух Тачи.

Премиерот Груевски е придружуван од шефот на неговиот кабинет Мартин Протуѓер и министрите за надворешни работи и за здравство Никола Попоски и Никола Тодоров. Заев  дојде со Радмила Шекеринска и Петре Шилегов. Ахмети е придружуван од пратеникот Артан Груби и министерот за образование Абдилаќим Адеми, а Мендух Тачи кој последен пристигна на средбата со Хан, го придружува Луан Треси.

Засега нема информации за текот и содржината на разговорите, ниту дали Хан разговара со Груевски и Заев одделно или на заедничка средба.

Инаку, денешните разговори се продолжение на дијалогот започнат во Стразбур пред три недели, во кој посредуваа Хан и тројцата европратеници Иво Вајгл, Едуард Кукан и Ричард Ховит.

Хан дојде во Македонија во обид да се изнајде излез од длабоката политичка криза, а како што претходно објави МИА, повикувајќи се на сопствени извори во Брисел Хан денеска носи предлог документ за разрешување на кризата.