Лидерите на ЕУ без согласност за ограничување на цената на гасот

Лидерите на Европската унија денеска се согласија да дадат поголема финансиска и воена помош за Украина, но, не донесоа одлука за тоа дали или како да се ограничат цените на гасот по одржувањето на неформалниот самит во Прага.

Повеќето од 27-те земји на ЕУ сакаат ограничување на цените на гасот за да се справат со зголемените цени во услови на пад на снабдувањето со гас од Русија. ЕУ со недели разговараше за ограничување на цената, но несогласувањата околу деталите беа пречка за договор. Цените на бензинот и струјата вртоглаво пораснаа поради неиспоровоцираната војна на Русија во Украина.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен предложи „патоказ“ на мерки за да помогне во олеснувањето на товарот, вклучително и потенцијално ограничување на цената.

Идеите вклучуваат ограничување на цената на увозот на рускиот гас, намалување на цената на другиот увоз на гас, ограничување на цената на гасот што се користи за производство на електрична енергија и ограничување на цената на трансакциите на гас во рамките на блокот.

„Сите се согласуваат дека треба да ги намалиме цените на енергенсите, но нема договор кои инструменти да ги користиме точно за таа цел“, рече полскиот премиер Матеуш Моравјецки.

Ирскиот премиер, Мајкл Мартин исто така рече дека „треба да се направи многу работа“ пред да се постигне договор.

Италијанскиот премиер Марио Драги изјави дека извршната власт на блокот подоцна овој месец ќе им претстави на лидерите на ЕУ поширок пакет краткорочни мерки за намалување на цените и подолгорочни чекори за редизајнирање на пазарот на енергенси.

По завршувањето на состанокот во Прага, Франција соопшти дека создала фонд за Украина за директно да купува оружје и друг материјал од производителите.

Шефот за надворешна политика на блокот, Жозеп Борел, претходно за време на самитот рече дека сака блокот да одвои повеќе пари за воена поддршка за Украина, вклучително и за обука, и дека конкретни предлози за тоа би можеле да бидат одобрени подоцна овој месец.