Шефовите на држави и влади на Групата 7 (Г7) на најбогатите либерални економии во светот ќе се сретнат попладнево преку видео конференција за да разговараат за иранскиот напад врз Израел, соопшти Владата на Италија, земјата која во моментов претседава со Г7.
„Италијанското претседателство со Г7 свика видео-конференција на ниво на лидери за рано попладнево“, соопшти италијанската Влада.
Покрај Италија, Г7 ги вклучува и САД, Канада, Велика Британија, Франција, Германија и Јапонија.
Самитот на Г7 беше свикан откако Иран го нападна Израел во текот на ноќта со повеќе од 300 беспилотни летала и проектили, како одговор на нападот врз иранскиот конзулат во Дамаск претходно овој месец.
И Советот за безбедност на ОН денеска треба да одржи итна седница, а генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш го осуди нападот како „сериозна ескалација“.