Лидерите на НАТО ќе разговараат за поддршката за Украина

Челниците на НАТО се состануваат во средата во Вашингтон за да разговараат за поддршката на Алијансата за Украина во нејзината војна против Русија.

Разговорите следат по церемонијата во вторникот по повод 75-годишнината од основањето на воениот сојуз по Втората светска војна и почетокот на Студената војна.

Се очекува челниците да разговараат за планот на генералниот секретар на НАТО во заминување Јенс Столтенберг да му обезбеди на Киев воена помош во вредност од 40 милијарди евра следната 2025 година. Членките на НАТО силно ја поддржуваат Украина од руската инвазија во февруари 2022 година.

Според Столтенберг, НАТО треба да ја убеди Русија дека не може да ја добие војната против Украина со тоа што чека да опадне поддршката од Западот. Сепак, ветените 40 милијарди евра всушност беа омекнување на првичниот план на Столтенберг, кој предвидуваше повеќегодишен пакет помош за Украина. Алијансата ќе ја преиспита воената помош следната година.

Американскиот претседател Џо Бајден го отвори самитот во вторникот со најава дека сојузниците на НАТО ќе ѝ достават дополнителни системи за воздушна одбрана на Украина.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски, којшто, исто така, присуствува на самитот, се надева дека состанокот на националните челници од 32 земји на НАТО ќе ги разјасни изгледите на Украина за членство во западната воена алијанса.

Водството на Украина, исто така, се надева дека ќе види посветеност на посилна воена поддршка додека нејзините сили се обидуваат да заземат големи делови од земјата на исток и југ илегално анектирани од Русија.

Самитот е последен за Столтенберг како генерален секретар, откако веќе неколкупати беше продолжуван неговиот мандат. Поранешниот холандски премиер Марк Руте треба да ја преземе функцијата во октомври.