![menduh taci dpa](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2020/05/menduh-taci-dpa.jpg?resize=696%2C383&ssl=1)
Мендух Тачи, актуелен пратеник од Демократската партија на Албанците (ДПА), доцна ноќта кон четвртокот учествувал во вандализирање на изборен материјал на политички опонент во Тетово.
Станува збор за одлепување плакати и кршење билборд на кој бил истакнат кандидатот за градоначалник на политичката партија Алијанса за Албанците во Тетово.
„Денеска во 01:50 чaсот во СВР-Тетово било пријавено дека на ул.’Илинденска’ од страна на неколку лица кои се движеле со ПМВ ’Голф’ и ПМВ ’Ауди’ црна боја со затемнети стакла, биле одлепувани плакатите, а во близина на бензиската пумпа на ’Макпетрол’ бил и искршен билборд на кој бил истакнат кандидатот за градоначалник од политичката партија Алијанса на Албанците“, стои во извештајот на МВР.
По преземените мерки, набрзо биле пронајдени и стопирани возилата од страна на УПС и при легитимирањето било констатирано дека во едно од возилата, ПМВ „ауди“ се наоѓа пратеникот од редовите на ДПА, Мендух Тачи.
Откако е извршена консултација со Јавното обвинителство, лицата веднаш биле ослободени, а по преземање на соодветни мерки настанот ќе се процесуира по редовна постапка.