Лидерот на „Гордите момчиња“ е осуден на 22 години затвор за напад на Капитол

Енрике Тарио, поранешниот лидер на екстремно десничарската група „Прауд бојс“, е осуден на 22 години федерален затвор под обвинение за бунт и заговор, во врска со нападот на американскиот Капитол на 6 јануари 2021 година, пренесува Ен-би-си.

Неговата казна е најголемата досега во случајот од 6 јануари, надминувајќи ги 18-те години што ги доби основачот на „Оут киперс“ Стјуарт Роудс кој беше осуден за истото дело.

Тарио беше еден од четворицата членови на групата кои беа прогласени за виновни за бунт во мај.

Сојузните обвинители побараа казна од 33 години затвор, иако американскиот окружен судија Тимоти Кели ги осуди сообвинетите на Тари на многу пониски казни од оние што ги бараа обвинителите.

Минатата недела Џо Бигс беше осуден на 17 години, Захари Рел на 15 години и Итан Нордин на 18 години.

Петтиот обвинет член на „Прауд бојс“ за заговор е прогласен за невин по главната точка на обвинението, но по други точки е прогласен за виновен и е осуден на 10 години.

Федералните обвинители го нарекоа Тарио „природно харизматичен лидер, мудар пропагандист и славен претседател на националната организација Прауд бојс“.

Тарио, рекоа тие, имал „влијание врз голем број подредени членови“ кои ги користел „за организирање и извршување на заговор за насилно запирање на мирниот демократски трансфер на власта“.

Околу 1.100 лица се обвинети во врска со нападот на Капитол на 6 јануари, а повеќе од 300 се осудени на затворски казни.

Оваа казна е убедливо најдолгата казна изречена во масовното процесуирање за нередите на 6 јануари 2021 година.