Лидерот на палестинското радикално движење Хамас, Исмаил Ханија, пристигна во средата во Каиро, објави оваа исламистичка организација, а информиран извор потврди за британската агенција Reuters дека се водат интензивни преговори за размена на израелските заложници за палестински затвореници меѓу Израел и Хамас, со посредство на Катар и Египет.
Според медиумите, Израел понудил прекин на огнот во Газа најмалку една седмица како дел од преговорите за ослободување на дополнителни заложници од енклавата, потсетува германската новиснката агенција DPA.
Ханија, која живее во Катар, пристигна „во египетската престолнина на разговори со египетските власти за развојот на ционистичката агресија во Појасот Газа и многу други прашања“, се вели во соопштението цитирано од француската агенција AFP.
И Хамас и Израел дадоа повеќекратни сигнали за можноста да се постигне оваа пауза во борбите во Газа. Во вторникот, израелскиот претседател Исак Херцог ја навести можноста за нова хуманитарен прекин на огнот во Газа за да се олесни натамошното ослободување на заложниците.
„Израел е подготвен за нова хуманитарна пауза и дополнителна хуманитарна помош за да се олесни ослободувањето на заложниците“, изјавил Херцог пред странските дипломати, според портпаролот на неговиот кабинет.
Онлајн порталот Axios во вторникот објави, цитирајќи двe израелски официјални лица и „запознаен извор“, дека Израел очекува Хамас за возврат да ослободи повеќе од триесет заложници. Предлогот на Израел за најмалку еднонеделно примирје во замена за ослободување на околу 40 заложници бил пренесен преку посредник на Катар, пишува Axios.
Останатите жени, мажи над 60 години и други заложници кои сѐ уште се во Газа и се болни или тешко ранети и на кои им е потребна итна медицинска помош ќе бидат ослободени, објави порталот.
Тоа е прв предлог на Тел Авив откако минатиот месец истече еднонеделниот договор за прекин на огнот, потсетува Axios. За време на тоа примирје беа ослободени 105 заложници, а Израел за возврат ослободи 240 Палестинци од своите затвори.
Медиумите во понеделникот објавија дека Дејвид Барнеа, шефот на израелската разузнавачка служба Mosad, во полската престолнина Варшава го информирал директорот на американската Централна разузнавачка агенција (CIA), Вилијам Барнс, како и катарскиот премиер Абдулрахман ал-Таниза новите преговори со Хамас.
Хамас, кој Израел, САД, Европската унија и неколку други земји го сметаат за терористичка организација, претходно најави дека не сака да преговара доколку Израел не ги прекине своите воени операции. Според израелските проценки, најмалку 109 заложници се уште се во Појасот Газа.