Лидерот на владејачката партија во Романија отиде во затвор

Лидерот на владејачката социјалдемократска партија Ливуи Драгнеа денеска се предаде во полиција за издржување на казната затвор од три години откако судот ја отфрли жалбата на пресудата за корупција. Одлуката на судот е изречена еден ден по поразот на Социјалдемократската партија на Драгнеа на европските избори.

Само неколку часа по пресудата Драгнеа, кој важи за еден од најмоќните политичари во земјата, беше однесен во затворот во Букурешт следен од новинари и демонстранти.

Драгнеа минатата година беше осуден под обвинение дека го злоупотребил неговото влијание за да обезбеди лажни работни места за две жени кои во тоа време работеле во неговата партија. Претходно Драгнеа имаше условна казна затвор за друго дело, изборна измама од 2012 година. Таа казна го спречи во 2016 година да стане премиер по победата на изборите.