Лидерска средба за техничката влада по утврдување на кандидатите

Средба меѓу лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Димитар Ковачевски и Христијан Мицкоски за техничката Влада ќе има откако ќе заседаваат партиските органи и ќе се утврдат кандидатите кои би партиципирале во неа, вели премиерот.

Тој и денеска повтори дека тоа нема да биде помпезна лидерска средба туку нормална комуникација, но зад затворени врати за да се договорат деталите за техничката влада која повтори дека е законска обврска на партиите.

– Тоа ќе биде откако партиските органи ќе заседаваат нормално, ќе има средба, којашто јас веќе кажав нема да биде највувана преку медиуми, бидејќи такви средби не треба да се најавуваат преку медиуми, туку ќе биде еден нормален разговор за реализација на тоа што е определено, согласно законот, односно распределба на ресорите во техничката Влада, изгласувањето на таа техничка Влада во Собрание, изјави Ковачевски во Битола.

Од ВМРО-ДПМНЕ за Канал 5 велат дека досега немаат добиено покана за средба со Ковачевски, а следниве денови ќе ги соопштат конкретните чекори што ќе ги преземе партијата околу одлуката за номинирање претставници во т.н. Пржинска влада.

-Немаме никаква покана за средба надвор од она што Ковачевски го соопштува по медиумите. За конкретните чекори кои ВМРО-ДПМНЕ ќе ги преземе ќе информираме во текот на идните денови, велат од партијата на Мицкоски.

Сепак, учеството на опозициската партија е се поизвесно, особено по вчерашната изјава на Мицкоски кој кажа дека ВМРО-ДПМНЕ треба да учествува во Пржинската влада и најави дека на состаноците на партиските тела ќе предложи да се номинираат министри и заменици, но како што рече, нема да гласаат ЗА влада предводена од Талат Џафери.