Влезот на германскиот ланец на супермаркети „Лидл“ на македонскиот пазар е важен за државава, бидејќи преку него земјоделските производи полесно ќе стигнуваат до европските трпези. Според заменик амбасадорот на Германија, Ото Граф, се очекува „Лидл“ да инвестира многу пари и да отвори работни места во Македонија.
– „Лидл“ е инвестициски партнер, оптимисти сме, сметам дека во секој случај ќе инвестира многу пари и ќе отвори многу работни места. Не смее да се потцени дека еден ваков супермаркет ќе направи голема инвестиција, но сметам дека е многу битно за самата држава да се понудат земјоделски производи преку „Лидл“ во цела Европа – истакна Граф на презентацијата на истражувањето за деловната клима на Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија, АХК и Македонско-германското стопанското здружение.
Тој смета дека колку повеќе земјава се приближува кон Европската Унија, толку побитна ќе биде темата за земјоделство, бидејќи ќе се постави прашањето како ние како мала држава може да опстанеме на европскиот пазар, а еден од начините е со продажба на земјоделски производи во цела Европа.
Датумот кога ќе ги видиме првите продавници на „Лидл“ во Македонија засега е непознат. Германскиот трговски синџир ја регистрираше својата компанија во Македонија во 2021-та, а ќе биде управувана од бугарската филијала. „Лидл“ регистрираше подружница со паричен влог од 500.000 евра. Интернационалниот синџир веќе ангажираше кадри во Македонија и тие веќе подолг период посетуваат обуки во Софија и во Белград.